Бугарското Министерство за надворешни работи излезе со официјален став по повод организирањето на настан од страна на амбасадата на Руската Федерација насловен како „Изложба 75 години од ослободувањето на Источна Европа од нацизмот“, закажан за 9 септември.
Во релативно острото соопштение се посочува дека Министерството нема никаков однос кон тој настан и ја советува руската амбасада да не зазема позиција на поддршка на сомнителна историска теза („ослободувањето“), која привилегира само некои политички средини во Бугарија, зашто претставува мешање во внатрешнополитичката дебата.
Во соопштението се вели:
„9-ти септември и неговите последици треба да останат во сопственост на историчарите и историската наука за да добијат целосна и точна оценка за влијанието врз развојот на Бугарија во текот на 20. век.
Без да го негираме придонесот на СССР во уништувањето на нацизмот во Европа, не треба да ги затвораме очите дека бајонетите на Советската армија на народите во Централна и Источна Европа им донесоа половина век репресии, сузбивање на граѓанската совест, деформиран економски равој и откинување од динамиката на процесите во развојот на демократските држави.
Од гледна точка на меѓународното право, фактите се јасни: деветосептемврискиот преврат е директна последица од објавувањето на војна на Бугарија од страна на СССР на 5 септември 1944 година и навлегувањето на советските војски на територијата на неутралната кон СССР-Бугарија.
СССР и објави војна на Бугарија кога на власт штотуку дошла нова демократска влада, која објавила прекинување на врските со нацистичка Германија и ја потврдила неутралната позиција на Царството Бугарија кон Русија. Следува привремена окупација на Бугарија од страна на СССР и Сојузниците, која формално се администрира од претставници на коалицијата, но де факто се спроведува исклучиво преку советско воено присуство.
Долгорочните последици за Бугарија се истите, како и за останатите држави од Источна Европа, кои потпаднале во советската зона на влијание-45 години управување од тоталитарен режим, кој се базирал на болшевичко-лениновата варијанта на комунистичката идеологија“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Comments are closed for this post.