Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, беше една од темите за кои разговараа шефовите на грчката и хрватската дипломатија Никос Дендиас и Гордан Грлиќ Радман на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција, во изјавата по средбата рече дека на Радман му ја повторил волјата од грчката страна за одржување на меѓувладина конференција на ЕУ со  Македонија, додека пак шефот на хрватската дипломатија истакна дека Унијата треба да остане доследна за земјите од Западен Балкан да не ја загубат нивната европска перспектива.

-Детално разговаравме за европската перспектива на земјите на Западен Балкан, секогаш во рамките на поставените услови и критериумите поставени за секоја земја, но со хрватската страна се согласивме дека за нас, случајот со Западен Балкан претставува стратешки приоритет и заедничка цел. Ја повторив нашата волја за меѓувладина конференција со Македонија, но и со Албанија веднаш штом ќе бидат исполнети критериумите утврдени од Европскиот совет, рече Дендиас.

-Во однос на ситуацијата во Југоисточна Европа се согласивме дека е важно да се зајакне политика на проширување на Европската унија. Ќе треба Европската унија да остане доследна за земјите од Југоисточна Европа, од Западен Балкан да не ја загубат нивната европска перспектива, истакна министерот за надворешни работи на Хрватска по средбата со Дендиас