НАТО ќе и донира на Црна Гора 3Д радарски систем кој ќе биде инсталиран на планината Бјеласица, соопштија од седиштето на Алијансата.

Црногорското министерство за одбрана претходно испратило барање до НАТО за отстапување на радарот чија вредност е околу 20 милиони евра.

„Можеме да го потврдиме доделувањето на радарскиот систем на црногорските власти. Овој важен чекор претставува уште еден силен напор да се осигури одбраната и заштитата на воздушниот простор на земјата, заедно со воздушните сили кои ги нудат сојузничките авиони од Грција и Италија“, изјавија од Алијансата.

Оваа информација неодамна на седница на Советот за безбедност на Генералштабот на војската на Црна Гора ја најави Драгутин Дакиќ.

„На овој начин ќе ги покриеме критичните точки како би се заокружила комплетната слика на Црна Гора имајќи предвие дека НАТО веќе ја покрива територијата на Црна Гора. Меѓутоа, имајќи предвид нејзината конфигурација, како и тоа дека имаме доста „темни агли“, се определивме за набавка на радарот кој најверојатно ќе бие поставен на Бјеласива и на тој начин нашиот воздушен простор ќе биде интегриран во НАТО системот“, изјави тогаш началникот на ГШ на Црна Гора Дакиќ.

Според неофицијални сознанија, трошоците за транспорт и инсталација ќе ги сноси црногорската страна, а тоа би можело да ја чини државата околу 4 милиони евра, што претставува значително помалку отколку Црна Гора самата да плати за набавка на радарски систем.