Британскиот новинар Грем Филипс ги разлути косовските лидери во Приштина, нарекувајќи ги „воени злосторници и терористи“, заради што денеска би требало во парламентот во Приштина да биде прогласен за персона нон грата, јавува приштинскиот портал „Клан Косова“.

Во копија од одлуката на парламентот во која „Клан“ имале увид, се наведува дека во случај Филип да се обиде да влезе на територија на Косово ќе биде депортиран и за тоа ќе биде известена амбасадата на Велика Британија во Приштина.

Грем Филипс во неколку наврати на својот Јутјуб канал известува за поранешната Ослободителна Војска на Косово (ОВК) како за „терористичка орагнизација“.

Тој, бранејќи ги неговите ставови за Приштина, за Балканската истражувачка мрежа (БИРН) изјави дека „Косово е терористичка држава“.

„Косово е држава контролирана од терористи и воени злосторници… Луѓето би требало да бидат свесни за тоа кои се (премиерот Рамуш) Харадинај и (претседателот Хашим) Тачи“, изјави Филипс.