За какви окупатори говорат, кога нашите војници таму се пречекани како ослободители! Во денешна Западна Македонија може и да се говори за „фашистички окупатори“, зашто таму биле во италијанска зона, објаснува историчарот Иван Стојанов од Благоевград за софиски „24 часа„.

Весникот објавува текст под наслов „Чиј е цар Самоил?“, во кој одново се поставуваат редица прашања околу содржината на македонските учебници, но затоа нема ни збор за содржината на бугарските. Индикативно е што текстот следува непосредно пред отворањето на изложбата „100 години Требеништа“ и по последната средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за прашањата на учебниците и историјата, на која беа одредени личности, чии јубилеи ќе бидат заеднички чевствувани, иако заклучокот и неговата содржина се уште не се официјално објавени од страна на надлежните министерства за надворешни работи.

Но, тоа не беше пречка бугарската министерка Екатерина Захариева да манифестира одредена доза на триумфализам, изјавувајќи дека македонската страна за првпат по 70 години признала оти постоела бугарска средновековна држава.

Наведувајќи примери од содржини во македонските учебници, весникот пишува:„Еве дел од напишаното во учебниците по историја и македонски јазик, кои упорно ја потврдуваат теоријата за постоење древен македонски народ, јазик и култура. А, македонската нација и јазик биле измислени кон крајот на Втората светска војна 1944-1945 г. за што сведочат редица документи“. Во спорните содржини е ставено и ова: „Со Версајскиот договор била потврдена поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија. Со тоа била разбиена компактноста на Македонија, бил оневозможен демографскиот, економски, културен и национален развој на македонскиот народ. Македонскиот народ под власта на соседните држави бил подложен на денационализација и асимилација“.

Весникот потсетува на изјавата на премиерот Зоран Заев за црногорскиот медиум „Антена М“ со која „допушта компромис“ и изразот „бугарски фашистички окупатор“ да биде заменет со „фашистички окупатор“. Ова, секако, за периодот од Втората светска војна.

Во учебниците во Северна Македонија има страшно многу недостатоци. Не се споменува ништо за српските репресии против луѓето со бугарска самосвест. Ниту пак за крајот на 40-тите години, кога стотици граѓани на Македонија се убиени заради бугарската самосвест, вели историчарот Стојанов.

Тој е категоричен дека непријателскиот тон кон Бугарија во учебниците треба да се смени. Неопходно е да се публикуваат оригинални извори, без тенденциозно да се „преведуваат“ на македонски јазик.

Ако треба да бидеме чесни кон историските факти, тогаш историјата на соседите крај Вардар до 1944 г. е всушност дел од бугарската историја. Потоа тие веќе тргнуваат по друг пат во рамките на Југославија, категоричен е Стојанов. Смета дека ние (Бугарите н.з.) треба покатегорично да опстојуваме на вистината. „Територијата сме ја отстапиле, но не треба да ја отстапуваме историјата, зашто за неа нашите дедовци пролевале крв“, смета историчарот.