Упатуваме апел до приватните лекари со соодветни специјализации поврзани со Ковид за да се вклучат во националниот систем на неколку дена, седмици, месеци и да помогнат во огромните напори што се прават, рече министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас објасни дека за оние приватни лекари кои ќе се вклучат во битката со Ковид-19, предвиден е надомест од 2.000 евра месечно, како и дополнителен износ за дежурствата, што може да стигне до 1.300 евра.
Министерот за здравство на Грција се осврна на зголемениот притисок врз здравствениот систем во земјата, особено во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што вчера, биле примени 185 пациенти со Ковид-19.
Ако се земе предвид дека една болница со средна големина во земјата има околу 200 кревети, тогаш гледате дека секој ден, во последните денови, всушност се полни една болница, истакна Кикиљас.
Апел до приватните лекари да му помогнат на државниот систем, упати и претседателот на лекарската комора на Грција.
Во Грција денеска беа соопштени 2.633 нови случаи, од кои половина се во областа Атика, 479 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, а починаа 43 лица.
Comments are closed for this post.