Грчката опозициска Нова демократија има убедлива предност пред владејачката Сириза на премиерот Алексис Ципрас, покажува најновата анкета спроведена за телевизијата Вергина.

Според резултатите кои се објавени денес, Нова демократија на Киријакос Мицотакис има предност од 9,6 проценти пред Сириза. Доколку сега би се спровеле избори НД би добила 30,9 проценти, додека Сириза може да смета на 21,3 отсто од гласачите.

На трето место уште стабилно се држи неонацистичката партија Златна зора со поддршка од 7,2 проценти, а потоа следуваат комунистите со 6,6 и Движењето за промени со 6,4 отсто.

Каменос и Независни Грци (АНЕЛ) би останале надвор од парламентот зашто имаат поддршка под потребниот праг (само 1,7 отсто), како и Потами, која покрај внатрешните проблеми сега има поддршка од само 1,8 проценти од гласачите.

Како неопределени се изјасниле 12,3 отсто.

Што се однесува до степенот на доверба, Нова демократија достигнала до 83 проценти, додека Сириза има 54.