Геополитичките случувања во Источниот Медитеран и привлекување американски инвестиции во Грција, според грчката новинска агенција АНА-МПА, се очекува да бидат темите за кои ќе разговараат претседателот на САД, Доналд Трамп и премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Њујорк, jави дописничката на МИА од Атина.
На маргините на самитот на ОН за климатските промени, Трамп и Мицотакис, во 18.30 часот по локално време ќе ја одржат нивната прва средба, на која на почетокот, според истите информации, ќе присуствуваат и сопругите на американскиот претседател и грчкиот премиер.
Освен традиционалните врски меѓу двете земји, постојат теми од посебен интерес, а Грција одново влегува во радарот на американските инвеститори, спомена извор од владата, а големи компании веќе покажаа интерес, објави грчката новинска агенција.
Кирјакос Мицотакис, ќе присуствува и на приемот организиран од претседателот на САД за странските лидери кои учествуваат на самитот на ОН.
Според информациите на АНА-МПА, отворена е можноста, грчкиот премиер, денес да се сретне и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, доколку обврските им го дозволуваат тоа и постои слободен термин. Во спротивно, првата нивна средба, ќе се одржи утре.
Comments are closed for this post.