Македонија, со речиси 520.000 посетители, е на петтото место на листата најбројни странски туристи на Бугарија, пишува софиски „Капитал“. Според најновите податоци на Националниот статистички институт од Софија, македонските граѓани, според бројот на посетители, ги истиснале Русите, пишува софиски „Капитал“.
Во периодот од јануари до ноември годинава, Бугарија ја посетиле над 8,8 милиони странски туристи, што е за 4,9% повеќе во однос на истиот период минатата година, што претставува јасен сигнал дека до крајот на годинава земјата ќе ја посетат над 9 милиони туристи.
Зголемување има и во приходите. Бугарската народна банка регистрирала дека во периодот јануари-октомври годинава, од странските туристи се инкасирани 3,4 милијарди евра, што е за 6,8 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.
Најголемиот број странски посетители на Бугарија е од Романија-над 1,3 милиони. Следуваат посетите од Грција-малку над еден милион, потоа од Германија-речиси 833.000, и од Турција-580.000. Во информацијата како интересен податок се наведува дека поради продолжениот пад на посетите од Русија, петтото место и припаѓа на Македонија.
Comments are closed for this post.