Се разбира, токму тоа е решението. предмалку реков-токму тоа повеќепати го предлагаше и Бугарија минатата година. За жал, тогаш Миахел Рот е се согласи. И досега сум кажал, не беше пречка Германија, туку одреден нејзин човек, од нејзиното Претседателство. Не сакам да влегувам во повеќе детали. Но, тоа е решението, да, Патоказ со јасни гаранции, што ќе биде во преговарачката рамка и тоа во т.н. кластер Fundamentals.

Ова е одговорот на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на прашањето дали е можно да се побара некоја комбинација Македонија да добие зелено светло за почеток на европските преговори и во Патната карта да има рокови за решавање на прашањето со Бугарија, во интервјуто за агенцијата Фокус, а што го пренесува бугарски Факти.

Целосната нетранспарентност на власта пред најавениот меѓувладин дијалог за постигнување некаков вид компромис за одржување на меѓувладината конференција и официјален почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, ги подгрева шпекулациите околу тоа што се е на маса.

Во тој контекст, интересен е и ставот на Ковачев, кој открива досега непознати детали пред бугарското вето. Правењето дистинкција меѓу германското Претседателство со ЕУ и миистерот Рот, покажува дека и Германија имала различни ставови околу начинот за надминување на недоразбирањата. Што може да значи дека канцеларката Меркел била за тоа бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка, со што, пак, не се согласил министерот Рот.

Сега, клучни се две прашања. Првото е дали португалскиот предлог подразбира дека Патоказот ќе биде составен дел од преговарачката рамка, и второто, ако не е, тогаш дали Европската унија ќе се јави како директен гарант за спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија? Во Договорот такви гаранти немаше.

И што ќе гарантира ЕУ? Дека Македонија ќе прифати дека македонскиот народ и македонскиот јазик постојат од 2 август 1944 година, дека нема средновековие, дека Македонците имаат бугарски корени, дека Бугарија не била окупатор, туку администратор за време на Втората светска војна, дека со брусилка ќе „ги чисти“ спомениците од НОВ…

Основната дилема, пак, што ја постави министерот за надворешни работи Бујар Османи е дали да се прифати иста или заедничка историја со Бугарија. Иако постои огромна разлика во двата термина, премиерот Зоран Заев излезе со јасно искажан став за заедничка историја, но толку го релативизираше, па го поистовети со балканска и европска заедничка историја, што не е ниту суштината на Договорот.