осовската опозициска партија Движење Самоопределување (ВВ) смета дека одговорноста за тоа што се уште не е укинат визниот режим за Косово не треба да се бара кај косовските граѓани или кај Европската Унија (ЕУ), туку кај надлежните институции на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеничката на ВВ Фиторе Пацоли на денешната прес-конференција изјави дека „сега е моментот да се побара одговорност од лицата кои ја манипулираа и лажеа јавноста и кои ја доведоа земјата во оваа тешка економска и политичка положба“.

– Хашим Тачи, кој прво како премиер, подоцна како министер за надворешни работи, а потоа и како претседател, од 2009-та до ден-денес ги манипулира граѓаните на Косово, Рамуш Харадинај, кој стана премиер ветувајќи либерализација за само 90 дена и кој во име на визите ѝ подари на Црна Гора 8.200 хектари земја, министерот за надворешни работи Беџет Пацоли, вицепремиерот Енвер Хоџај, министерот за правда Абељард Рахири и министерката за евроинтеграции Дурата Хоџа – сите треба да понесат одговорност и да поднесат оставки поради состојбата во која ја доведоа земјата, изјави Фиторе Пацоли.

Таа рече дека има информации оти некои држави, за кои се очекувало дека ќе бидат „за“, како Германија, Франција, Белгија, Холандија, сега се против укинувањето на визите за Косово.

– Да не зборуваме за помали земји, кои го следат примерот на Германија и Франција. Меѓутоа, Владата ова го крие од граѓаните, рече Пацоли.

Друга пратеничка на ВВ, Албулена Хаџиу, потсети дека, како што ги нарече, „кликата на ПДК (Демократската партија на Косово) и некои други поврзани со неа поради лични, бизнис и клиентелистички интереси, пропагираа дека во моментот кога ќе се изгласа демаркацијата со Црна Гора ќе настапи визната либерализација“.

– Овој режим на апсурден начин ја злоупотребуваше и ЕУ за да ја обвини опозицијата за неукинувањето на визите. Сега, откако се изгласа демаркацијата, се свртеа со напади врз ЕУ, како што беше скандалозната изјава на вицепремиерот Енвер Хоџај дека ЕУ е албанофобична. За нивните одговорности, за нивниот криминал и корупција, се обидуваат да ја обвинат час опозицијата, час ЕУ, а час граѓаните, изјави Хаџиу