До крајот на пандемијата, во Грција ќе има две категории туристи – оние кои биле вакцинирани и оние кои не се, најави грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис.

Тој во интервју за агенцијата АПЕ-МПЕ нагласи дека вакцинираните патници повеќе нема да мора да бидат тестирани или да им биде одредуван карантиран ако покажат потврда за вакцинација при влез во земјата.

Секој што е вакциниран во Грција ќе добие дигитален сертификат, а повеќето европски земји планираат да воведат слични сертификати.

– Веќе се разговара за заемно признавање на ваквите сертификати, помеѓу земјата на поаѓање и дестинацијата, вели Теохарис.

За оние кои не биле вакцинирани, мерките за контрола на границата ќе бидат зголемени, додаде тој, истакнувајќи дека постои сеопфатен план за поддршка на компаниите и работниците погодени од епидемиолошката криза.

– Вакцинацијата има директно позитивно влијание на две нивоа. Прво, грчките граѓани, а особено најранливите, ќе бидат побезбедни. Економската активност постепено ќе се врати на вообичаеното темпо. Второ, вакцинацијата ќе создаде клима на оптимизам и тоа ќе се рефлектира во резервациите на туристите од земји за кои сме заинтересирани, како Германија, Велика Британија, Франција, Италија, истакнува Теохарис.

Веројатноста вакцинираните лица да заболат од коронавирус е многу мала, објаснува грчкиот министер, а поради тоа земјата не планира да ги тестира туристите или пак да карантинира. За оние туристи кои не биле вакцинирани, мерките ќе зависат од текот на вакцинацијата и епидемиолошката состојба во земјите од каде доаѓаат.