Поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник и надлежен за надворешна политика во партијата СИРИЗА, Јоргос Катругалос, го поздрави потегот на грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, кој испратил писмо до својот македонски колега, Бујар Омани, за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја jави дописничката на МИА од Атина.

Го поздравуваме писмото што, според новинарски информации, го испрати алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од Северна Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја. Со интерес ги очекуваме објаснувањата на господинот министер до оние кои веруваа во предизборната демагогија на Нова демократија за отстапки во врска со договорот. СИРИЗА ќе побара писмото да се достави во Парламентот, врз основа на членот 133 од Правилникот – навел Катругалос во пишаната изјава.

Како што соопшти СЕП пред два дена, алтернативниот министер за надворешни работи на  Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, преку писмо до вицепремиерот Бујар Османи, најавил поддршка за европските интеграции на земјава, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа, но притоа најавил и билатерална средба меѓу претставниците задолжени за европските прашања на двете земји.

Писмото е одговор на дописот на Османи до Варвициотис во кој му ја честита функцијата и изразува надеж за продолжување на соработката.

Во Грција, веста за писмото од Варвициотис до Османи, ја објавија грчките медиуми, повикувајќи се на медиумите кај нас.