Красимир Каракачанов, претседател на ВМРО-БНД, кој на јулските предвремени избори ја предводеше коалицијата „Бугарски патриоти“ вели дека е незадоволен од моменталните резултати. Тој ниту во новото Народно Собрание нема да има пратеници бидејќи не го помина изборниот праг кој е поставен на четири проценти.

Не ми се допаѓа резултатот, затоа што не е добар. Можеби треба да ги почекаме официјалните резултати, Само што излегоа излезните анкети а Вие ме терате да правам анализи. Рано е за длабински анализи. Така како што решил бугарскиот народ, така ќе се развива државата во наредните месеци и години, изјави Каракачанов.

Тој повика да се формира стабилна влада која ќе може да го подготви државниот буџет и да ги гарантира доходите.