Во Србија ќе се гради фабрика за производство на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Меморандумот за разбирање и соработка за производство на кинеската вакцина во Србија беше потпишан во Белград меѓу Србија, кинескиот производител на вакцини и партнер од Обединетите Арапски Емирати.

Потпишувањето на Меморандумот е првиот конкретен чекор кон изградба на фабрика за вакцини во Србија, а според српската премиерка, Ана Брнабиќ целта е фабриката да се изгради до крајот на годинава.

Имаме амбициозни цели. Целта е да се изгради фабрика за производство на вакцини до крајот на годинава, а паралелно да се работи на полнење до крајот на годината и да има десет милиони дози вакцини што се наполнети во Србија, а веднаш после тоа да започнеме сеопфатно производство – изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека ова е важен чекор за Србија, но и за регионот, бидејќи вакцината ќе биде блиску, ќе биде подостапна и ќе може да придонесе за интензивирање на борбата против пандемијата на корона вирусот.

Ова е почеток на поширока соработка меѓу Србија, Кина и ОАЕ во областа на биомедицината, биоинформатиката, употребата на вештачка интелигенција во фармацијата. Ова е продолжение на соработката што ја започнавме во тешкиот период на кризата со ковид, кога заедно создадовме две лаборатории за ПЦР тестирање – изјави Брнабиќ.

Потпишувањето на Меморандумот е резултат на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Обединетите Арапски Емирати во март годинава, каде беше договорена соработка за изградба на фабриката.

Српската премиерка му се заблагодари на „Синофарм“ за соработката за време на кризата, наведувајќи дека Србија купила четири милиони вакцини од таа компанија, а дека им биле доставени 4,2 милиони, бидејќи биле донирани 200.000 вакцини.