Лидерот на АНЕЛ, Панос Каменос е зафатен од „псходелија“, пишува „Ефимерида“ осврнувајќи се на дебатата во парламентарната комисија за одбрана. На седницата се разгледува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО кој Грција се очекува да го ратификува утре.

Зошто „псходелија“, односно на извесен начин помраченост на умот под дејство на психотропни супстанци – причината е Протоколот за кој Каменос бара мнозинство од 180 пратеници, а не 151. Зад неговото барање застанале само пратениците на неофашистичката Златна зора.

Каменос се повикува на Уставот и смета дека за ратификација на меѓународни договори е потребно поголемо отколку просто мнозинство, односно три петтини.

Заменикот министер за надворешни работи, Џорџ Катругалос објасни дека нема основа за тоа што го бара Каменос, и потсети дека кога Албанија влегла во НАТО во 2009 година не било поставено прашањето за мнозинство од три петтини. Истото се однесува и за пристапувањето на Бугарија, потсетија некои пратеници.