Како што пренесува РТЦГ, меѓу документите е и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Вања Чаловиќ Марковиќ и Дејан Миловац пишуваат дека Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.

Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.

Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставил црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.