Поддршката на ЕУ за проширувањето се предвидува да биде спомената во завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо во Словенија, како и тоа да се каже дека Унијата ја реафирмира поддршката за регионот и има капацитет да прими нови членки, брифираат дипломатски извори од Брисел. Македонскиот државен врв очекува од Самитот ЕУ-Западен Балкан јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија и за тоа е подготвена и самата Унија.  Се очекува во декларацијата да доминира зборот „приврзаност“ наместо гаранции за членство на земјите од регионот.

Во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, дипломатските извори исто така брифираат дека преговорите меѓу двете земји продолжуваат и ЕУ го поддржува тоа, како и оти се изнаоѓаат начини двете земји да го решат билатералното прашање со цел да се одржи првата меѓувладина конференција. Тие додаваат дека Самитот во ЕУ ќе биде добра можност лидерите на двете земји да се сретнат и да разговараат за ова прашање.

Дипломатските извори исто така наведуваат дека претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во неколку наврати спомена дека поддржува отпочнување преговори со Македонија и со Албанија и охрабрува изнаоѓање решение за прашањето меѓу Скопје и Софија, како и за градење мостови помеѓу двете земји, но, според нив, во Бугарија има изборен процес и во моментов тоа ја отежнува ситуацијата.

Истите извори додаваат дека Самитот во Словенија е можност да се потврди поддршката за европската перспектива на регионот и потсетуваат дека ЕУ во моментов е најголем донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан, и сето тоа дава јасна перспектива.