Управниот одбор на ,,Музејот на битката за ранетите на Неретва- Јабланица” распишал тендер за продажба на секундарни суровини – делови од челичната конструкција на мостот во сопственост на Музејот.

Делови од челичната конструкција на мостот како секундарна суровина, односно старо железо од висока класа и разни масивни челични профили се извлечени од Неретва, а нивната количина е проценета на 67.840 килограми.

Директорката на Музејот, Азра Ѓелмо, за босанските медиуми изјави дека станува збор за хоризонтална десна решеткаста структура која е во реката Неретва од 1991 година и сега е отстранета.

Продажбата на овој дел од конструкцијата спаѓа во последната фаза од подготвителните работи, по што започнуваме со инсталирање на новата конструкција, која се прави, рече Ѓелмо.

Почетната продажна цена на деловите од челичната конструкција на мостот со товарење и транспорт до депонијата е 23,744 KM (околу 12.000 евра), а ја утврдил експерт по машинство, пренесува Слободна Босна.

На почетокот на годината, општина Јабланица започнала со реконструкција на урнатиот мост на Неретва, а изведувач на работите е компанијата HP Investing од Мостар. Ѓелмо изјави дека подготвителните работи се при крај и дека во моментов се завршува пескарење на постојната конструкција, но исто така се работи и на изградба на нова конструкција, која ќе биде поставена на постојната.

Претходно потпишаниот договор предвидува набавка и поставување на челични профили за изградба на пешачка патека, пескарење и бојадисување, набавка и поставување на дрвени елементи за изградба на пешачка патека. Финансиер на проектот е ЈП Електропривреда БиХ, инвеститор е општина Јабланица, а изведувач е HP Investing од Мостар. Вредноста на целиот проект е 1.200.000 КМ (600.000 евра).