Синдикатот на работници на Грција од денеска одржува 24 часовен штрајк, на кој учествуваат и вработените во јавниот сектор за да го искажат нивното незадоволство од законот за развој што го предлага владата во однос на колективните договори, работничките права и новите регулативи за синдикатите.

До утре до 6 часот наутро нема да функционира железничкиот сообраќај, бродовите, банките, а нема да има вести и информативни емисии низ цела Грција. Со скратено работно време ќе функционира и метрото, автобусите и тролејбусите во Атина, а комплетно во прекин ќе биде јавниот превоз во Солун.

Штрајкот го поддржаа и новинарите во приватните и државните медиуми кои од 6 часот утрово до 6 часот утре нема да емитуваат вести и информативни емисии.

Федерацијата на вработените во основните училишта ги повика наставниците да прекинат со работа од 11 до 14 часот, а федерацијата на вработени во државните болници најави прекин на работата од 10 до 15 часот.

Во Атина проблеми има и во јавниот превоз, со оглед на тоа што грчката престолнина денес е без метро, а автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат од 9 до 21 часот, а трамвајот од 9 до 15.

Активностите на синдикатите и денешниот штрајк го поддржаа и од опозициската СИРИЗА кои ги повикуваат граѓаните масовно да излезат на протест. Како и секогаш, синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, организира одвоен собир.

Демонстрации ќе се одржат и во Солун.

Грција и минатата седмица беше парализирана, поради 24часовниот штрајк организиран од вработените во јавниот сектор, а поддржан од голем број федерации и работнички здруженија.