Помошник-министерот за цивилна заштита Никос Хардалиас рече дека сите продавници за малопродажба ќе бидат повторно отворени в понеделник, освен големите продавници и трговските центри.

Патувањето со автомобил повторно ќе биде дозволено на кратки растојанија за време на викенди, за семејства и групи до три лица, за вежбање или активности на отворено, додаде тој на прес-конференцијата.

Овозможувајќи им на Грците да се релаксираат надвор од своите домови сега кога времето се подобрува, владата се надева дека ќе има корист од тоа на здравствено, социјално и економско ниво, додаде грчкиот официјален претставник.

Во последните 24 часа во Грција починаа 76 лица од ковид-19, а повеќе од 3.600 беа заразени.

Вкупно, земјата од почетокот на пандемијата има регистрирано повеќе од 260.000 случаи на ковид-19 и 8.093 смртни случаи. Повеќе од 700 лица во моментов се на интензивна нега.

Грција, која го поддржува европскиот пасош за вакцини, се надева дека ќе може да ја почне својата туристичка сезона во средината на мај и да ги оствари мошне потребните приходи.

Досега во Грција се дадени околу 1,6 милион дози вакцина, а втората доза ја примиле над 580.000 лица.