Грција упати барање до Европската служба за цивилна заштита за добивање помош во гасење на пожарот на островот Евбеја. Оттаму реагираа веднаш и кон Грција од Хрватска и Италија полетаа авиони канадери, изјавија од Генералната дирекција за цивилна заштита во ЕУ.

Пожарот на островот избувна ноќеска, а утринава цела Атина беше покриена со густ чад и смог.

Силниот пожар на островот Евбеја избувна малку по 3 часот по локално време во реонот на селото Агрилица.

Во моментов на местото на пожарот интервенираат 227 пожарникари со 75 противпожарни возила, армиска опрема, голема група доброволци, шест авиони и шест хеликоптери.

Огнот зафати густа борова шума, информираат од грчката служба за цивилна заштита.

Евакуирани се жителите на селата Кондодеспоти, Макримали, Ставрос и Платана, како и манастирот „Панагија Макрималис“.

Општинските власти и војската користат градежни машини за изградба на заштитна зона пред градот Псана.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го прекрати својот годишен одмор и се врати во  Атина. Се очекува вечерва тој да го посети Координативниот центар на противпожарната служба.