Обвинителството во Грција започна истрага за финансирањето на партиите од приватни лица и компании. Бивш партиски функционер на социјалистичкиот ПАСОК изнесе докази за прилив на огромни суми во партиската каса од приватни фирми и странски компании.

Теодорос Ѕукатос изјави дека посочениот пример за финансирање во висина од 420.000 евра не е единствен.

Само за една година во касата на партијата влегоа 4.700.000 евра, изјави пред обвинителството бившиот социјалист.

Според него, целта на ваквото финансирање било „добри врски со владејачката партија“.

Во врска со ова, обвинителството започна истрага на сите парламентарни партии во Грција и нивното финансирање од приватни лица. Од опозицијата инсистираат и бившиот министер за одбрана Каменос да приложи докази за тврдењата со кои го обвинуваше екс министерот за надворешни работи Коѕијас дека со милионски суми евра финансирал македонски медиуми за поддршка на Договорот од Преспа.