Фризерските салони, берберниците, книжарите и центрите за технички преглед на возила, се единствените бизниси во Грција кои добија зелено светло од Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство и од грчката Влада да отворат и од денеска почнуваат со работа, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако се најавуваше дека ќе се отвори и малопродажбата, сепак, поради епидемиолошката слика во земјата, продавниците освен преку интернет, од вчера се отворени и за услугата „click away“, односно само за подигање на претходно направена нарачка и под посебни правила.
Услугата е достапна само за бизнисите што имаат надворешен дел, во редицата не смее да има над девет лица, со најмалку два метри растојание меѓу нив, а за подигнување на нарачката, граѓаните ќе добиваат потврда со податоци на продавницата и точно закажан термин и нема да биде дозволен влез во внатрешноста, ниту пак подигнување на купените производи на повеќе од едно лице.
Полицискиот час, наместо од 21 часот, од вчера е скратен и е од 22 часот до 5 часот наутро.
Карантинот во Грција беше воведен на 7 ноември, конкретните мерки се во сила до 7 јануари 2021 година, а до тогаш, во Грција остануваат затворени училиштата, моловите, рестораните, таверните, кафулињата и баровите, фитнес и спортските центри, а движењето на граѓаните и понатаму е ограничени и дозволено е само по претходно испратена смс порака со избрана една од шесте опции.
Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 124.534 позитивни случаи, а починаа 3.625 лица.
Comments are closed for this post.