Десната партија на унгарскиот премиер Виктор Орбан, ФИДЕС, изјави декас сака да остане во редовите на конзервативната Европска народна партија (ЕНП). Со тоа, таа прави пресврт по изборите од минатиот месец, соопшти ДПА.
Сметаме дека тоа е најдобро за нас. За ЕНП е исто така најдобро да не задржи, изјави министерот во кабинетот на премиерот Орбан, Гергеј Гуљаш во интервју за германскиот весник „Велт“.
ЕНП го замрзна членството на ФИДЕС на неопределено време заради лошата кампања во Унгарија пред европските избори против конзервативниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Минатиот месец Орбан изјави дека ФИДЕС ќе ја напушти ЕНП по сопствена желба, ако ЕНП одлучи да состави центристички блок со социјалдемократите, зелените и либералите во Европскиот парламент. Според неговите тогашни зборови, ФИДЕС би требало да влезе во сојуз со крајната десница во Европскиот парламент.
Гуљаш избра поумерен тон во интервјуто.
Има прашања околу кои можеме да соработуваме со социјалдемократите, зелените и либералите, изјави тој.
Наспроти тоа, Гуљаш и ФИДЕС продолжуваат да се спротивставуваат на номинацијата на ЕНП на германскиот конзервативец Манфред Вебер за претседател на ЕК. Вебер, кој беше претседател на ЕНП во последниот состав на Европскиот парламент, влезе во судир со ФИДЕС и го поддржа замрзнувањето на членството на партијата во текот на март, потсетува ДПА.
Според Гуљаш, ЕНП треба да номинира друг лидер од конзервативниот табор за иден раководител на ЕК, една од највисоките позиции во ЕУ.
Comments are closed for this post.