Партијата на Европските Зелени попладнево преку соопштение побара да не се попречува патот на Македонија на утрешниот состанок на министрите за европски работи на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во вторник на 17 ноември, министрите за европски работи на ЕУ ќе се состанат за да ја усогласат позицијата на ЕУ за почеток на преговори со Албанија и Македонија. Процесот со Македонија, меѓутоа повторно е пред пречка со заканата од вето од Бугарија, порачуваат Зелените.

Европските Зелени, заедно со нивните партии членки во Бугарија и во Македонија, изразуваат „силна поддршка“ за почетокот на преговори со Скопје и усвојувањето на преговарачката рамка „без одлагање“.

Силната европска ориентација на Владата во Македонија и докажаните напори на земјата за макотрпни реформи беа признаени од ЕУ во март 2020, ЕУ мора сега да одговори на очекувањата на граѓаните на Македонија за европска иднина, велат Зелените.

Тие потсетуваат дека ЕУ е изградена врз диверзитет и „богата културна историја на луѓето што ја сочинуваат“, како и врз „правото на секоја заедница за самоопределување и самоидентификација“.

Дебатите помеѓу соседни држави треба да се решаваат билатерално и не смеат да се користат како изговори за блокирање на процесите на ЕУ ниво, реагираат Европските Зелени.

Зелените се повикуваат на самиот Договор за пријателство помеѓу Бугарија и  Македонија, во кој се изразува поддршка за европската перспектива на Скопје.

Крајно време е овие зборови да се претворат во дела, порачаа Европските Зелени.