Партијата на правда и развој на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако првпат после 25 години загуби политичка контрола во Истанбул, побара пребројување на гласовите од локалните избори во Истанбул, а како причина за барањето наведе „неправилности” и „погрешно пресметување” во процесот кој владата го надгледуваше и со години строго го контролираше.

Британскиот весник „Индипендент“ пренесува дека АКП побарала и пребројување на гласовите во некои области во Анкара во која исто така изгуби, но со значителна разлика.

Ердоган, кој потекнува од градската работничка населба Касимпаша, повеќе пати коментирал дека Истанбул е клуч за контрола врз Турција.

Градот со 15 милиони луѓе е извор на големи договори за недвижности и развојни проекти кои претставуваат животна сила за националната политичка машинерија на Ердоган, наведува британскиот весник и додава дека АКП сака да и покаже и на политичката база разочарана од неделните изборни загуби, дека прави се што е во нејзина моќ да ја задржи власта, дури и да попушти на крајот.

Кандидатот за градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, од секуларно-националистичката и лево-ориентирана Републиканска народна партија (ЦХП), ја изненади политичката јавност во Турција со тоа што го порази својот добро финансиран ривал од АКП за 25.000 гласови, од вкупно осум милиони.

Ердоган на Твитер напиша дека на изборите „нема губитници“ и додаде дека секој кој гласал е победник, „за кого и да гласал“.