„Илир Мета да не се загрижува за враќање на визите,туку за визата која ја стави на фигурата шеф на државата, експресно реагираше премиерот Еди Рама по искажаната згриженост на шефот на државата Илир Мета за можноста од враќање на визниот режим за Албанија.

Рама преку Твитер реагираше со совет да не го загрижува прашањето за визите и го обвинува дека токму тој е дел од фронтот против Албанија.

“Илир Мета да не се загрижува за враќање на визите (нема никаква шанса да се вратат визите),туку за визата која ја стави на фигурата шеф на државата со станувањето дел од политичкиот фронт против изборите и против правдата! Овој фронт против Албанија ќе пропадне. Срам! напиша Рама на Твитер.

Претседателот Мета  загриженоста за повторно воспоставување на визен режим со земјите од Шенген зоната за Албанија ја заснова на барањето на Холандија доставено до ЕК за враќање на визите за албанските граѓани и вчерашното предупредување на Комесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос кој изјави дека во првите четири месеци од годинава за азил аплицирале 7.138 албански граѓани што е за 30 отсто повеќе споредено со истиот период лани.

Аврамопулос понатаму додаде дека ако овој миграциски тренд продолжи ЕУ ќе преземе соодветни чекори и ја повика Албанија, како и Венецуела и Колумбија, од каде што има најголем прилив на азиланти, да ги почитуваат договорените правила.