Најмалку двајца загинати и пет повредени е билансот од пожарите и инцидентите во прифатниот центар Мориа на грчкиот остров Лезбос, според информациите во локалните медиуми.

Од засега непознати причини попладнево избиле два пожара, едниот во близина на центарот за прием и идентификација, којшто бил брзо изгасен, другиот во внатрешноста, во којшто, според медиумите, животот го загубиле една жена и едно дете, чии јагленосани тела биле пронајдени и пренесени во болница, а предизвикана е и материјална штета.

Бегалците и мигрантите со камења и предмети ги нападнале пожарникарите, отежнувајќи им ја нивната работа, а веднаш потоа избиле и инцидентите меѓу лицата сместени во прифатниот центар и полициските сили кои употребиле шок бомби и солзавец.

Засега, повредени се пет лица и пренесени во болница, без да постојат дополнителни информации.

Од грчката полиција соопштуваат дека силите на островот се засилуваат со испраќање полицајци, а за Лезбос заминува и началникот на полицијата и генералниот секретар за миграциска политика.

Управителите на Центарот за прием и идентификација на бегалци и мигранти, заедно со вработените го напуштиле центарот.