Гласањето на предвремените парламентарни избори на Косово заврши со голем одѕив во општините во кои доминира српското население и одредени нерегуларности при гласањето.

Најголем одѕив имаше во Зубин Поток, а најмал во Драгаш. Според проценките на Централната изборна комисија, гласале 44,09 проценти од косовските граѓани.

Државното обвинителство на Косово пренесе дека се приведени 20 лица поради различни кривични дела на изборниот ден. Две лица се уапсени во северниот дел на Митровица за злоупотреба на службената должност на едно избирачко место во училиштето, додаде обвинителството. Сепак, Обвинителството издаде наредба со која се определува 48-часовен притвор за само едно лице. Косовската полиција во Призрен соопшти дека уапсила и седум лица за фотографирање на гласачкото ливче.

Централната изборна комисија соопшти дека имало изолирани инциденти и проблеми, но дека тие не можат да влијаат на регуларноста на изборите.

Оценка дека изборите минале без поголеми проблеми и нерегуларности стигна и од претставниците на набудувачките мисии на ЕУ и ОБСЕ.