Договорот од Преспа со кој треба да се стави крај на речиси три деценискиот спор меѓу Грција и Македонија денеска влегува во грчкиот Парламент. Откако Македонија си го исполни својот дел на обврската сега на ред е Грција.

Дебата почнува денеска откако договорот доби зелелно светло од мнозинството членови во две собраниски комисии, а гласањето се очекува утревечер. Се очекува жесока битка во парламентот, веројатно уште пожестока отколку кога се гласаше за доверба на владата на Алексис Ципрас

Киријакос Мицотакис, лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, изјави дека тој и Нова демократија ќе сторат се за да спречат Преспанскиот договор да се ратификува во парламентот.

„Алијансата на волјата“ која е за Договорот сега брои 154 пратеници, но Мицотакис тоа го предизвика велејќи дека за национални прашања е потребен широк конзензус, а како што тој забележа за Преспанскиот договор таков не е постигнат.

Доколку Парламентот го изгласа договорот Грција потоа ќе мора и да го потпише и протоколот за членство на нашата земја во НАТО по што двете страни треба да го информираат Советот за Безбедност на ОН дека нашле решение за билатералниот спор.