Математиката сега игра главна улога и во македонското Собрание и во грчкиот парламент. Иако и од Атина и од Скопје се испраќаат пораки дека гласовите се обезбедени, сепак, што се однесува до Грција таму работите не се сосема сигурни, па повторно се отвора прашањето – дали премиерот Ципрас ќе дојде до ќор сокак за Преспанскиот договор и излезот ќе се бара во предвремени избори во март? Или ќе се примени „македонскиот модел“ на мелење на одредени партиски членови, кои ако се стиснат и се уценат, ќе кренат два прста?
Заменикот министер за надворешни работи, Џорџ Катругалос, кој минатата недела престојуваше во Вашингтон и во Њујорк и се сретна со претставници на американската администрација, но и со посредникот Нимиц, не изнесе многу детали од средбите и за содржината на разговорите, но нагласи дека од Нимиц добил задоволителен одговор за тоа како треба да се чита духот и словото на Преспанскиот договор. Пораката е гаранција за Атина и порака за Скопје.
„Токму затоа што станува збор за големо прашање, и затоа што тоа ќе дојде во парламентот, ќе има поголемо мнозинство од потребните 151 глас“, изјави тој за Њуз 247 зборувајќи за ратификацијата на Договорот.
Катругалос притоа не зборува за гласање доверба за владата, иако тоа прашање го тргна од дневен ред и контроверзниот министер Панос Каменос, туку го отфрли неговиот предлог за свикување Совет на политичките лидери под капата на претседателот на Републиката. „Таков собир има смисла ако се зборува за национално прашање, а не да се блокира парламентарна процедура“, истакнува Катругалос.
И сега повторно кај неизбежниот Каменос, кој најави дека нема да гласа за Преспанскиот договор и оти ќе си поднесе оставка доколку тој стаса во парламентот. Премиерот Алексис Ципрас вчера го прашал еден новинар да каже какви му се односите со Каменос и со АНЕЛ и дали има план Б во Владата доколку тој си поднесе оставка. Ципрас самоуверено вели дека не е загрижен од таква можност.
Дали имате План Б доколку си заминат неговите министри?
-Не, деца! Каде одите? Не се грижите. Тие 151 гравче нема каде да избегаат.
Но, дали сите гравчиња му се на број на Ципрас? Едно веќе сигурно одлета во друго јато. Независниот пратеник Харис Теохарис му се приклучи на Мицотакис и на Нова демократија. Дали тој беше едно од гравчињата на кои Ципрас сметал? До пред месец-два Теохарис изјавуваше дека е можно да гласа „за“ Преспанскиот договор затоа што Македонците се изјаснуваат дека се словенска нација, а јазикот им е словенски. Сепак, сега откако влегува во НД, дали ја зазема и позицијата на Киријакос Мицотакис дека нема никогаш да гласа за Преспанскиот договор?
Калкулациите велат дека во моментов Сириза на Ципрас може да смета на 145 пратеници и оти потерата по плус 6 е во тек. АНЕЛ, Потами, ДИМИРА, односно нивни партиски членови ја кројат судбината на Преспанскиот.
„Ефимерида“ во денешната анализа смета дека пресметките на Владата не се сигурни и оти земјата се движи кон предвремени избори во март.
Додека, пак, висок македонски политичар, за Пресинг ТВ изјави: „Американците ако треба ќе направат нов Каменос. Гласовите мора да бидат обезбедни“.
Иако, во политиката се е можно.
Comments are closed for this post.