Бугарија денеска го прославува својот национален празник – 144 години од крајот на Руско-турската ослободителна војна, со која почна нејзиното обновување како независна држава, јави дописникот на МИА од Софија.

Договорот е потпишан во предградијата на Истанбул – Сан Стефано на 19 февруари / 3 март 1878 година, на роденденот на рускиот император Александар II.

3 март стана официјален и национален празник на Бугарија од 1990 година, по падот на комунизмот во Бугарија.  По тој повод празникот ќе го слави цела држава. Свечениот дел каде што се наоѓа Споменикот на слободата ќе се одржи на врвот Шипка каде се воделе клучните битки. На нив ќе присуствуваат премиерот Кирил Петков и претседателот на Народното собрание Никола Минчев. Во Шипка ќе биде и министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев, кој беше разрешен пред два дена.

Бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија ќе присуствува на кревање на бугарското знаме пред Споменикот на непознатиот војник, а вечерва ќе има и огномет на кој ќе присуствуваат и премиерот Кирил Петков и претседателот на Национално собрание.

Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова, според локалните медиуми, избрала да не се сретне со премиерот на Бугарија на врвот Шипка и затоа вчера го посетила споменикот и положила цвеќе со вработените во руската Амбасада.

Во пресрет на празникот, бугарско-руските односи се заострија откако стана јасно дека поранешен бугарски генерал е уапсен бидејќи на руски дипломат му предал податоци за ЕУ ​​и НАТО. Во оваа прилика Бугарија прогласи за персона нон грата двајца дипломати од руската амбасада во Софија и им даде ултиматум да ја напуштат земјата во рок од 48 часа.