Министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека списокот на Приштина со 117 држави кои ја признале независноста на Косово е „целосно разбиен“ и додаде дека целта на Србија е тој број да падне под 97 земји, што е помалку од половина членки на Обединетите нации.

Дачиќ наведе дека од 117 земји за кои Приштина тврди дека ја признале косовската независност, Нигерија, Уганда и Мали тоа никогаш не го направиле, додека 14 земји ја повлекле одлуката за признавање.

„На нивната листа се и земји кои официјално кажуваат дека ја замрзнале одлуката за признавање, како Египет и Перу. Тој список на Приштина од 117 земји е целосно разбиен, нашата цел е тој број да падне под 97 што е помалку од половина членки на ОН бидејќи ни е важно при гласање во меѓународните организации да имаат перспектива дека не можат да пројдат“, кажа Дачиќ.

Според него, Приштина „постојано провоцира со обидите да стане член на меѓународните организации како Интерпол, Унеско или Светската царинска организација“.

„Ние успеваме тоа да го спречиме кога ни дозволува процедурата, но важно е да се каже дека и гласањата во Интерпол покажаа дека прашањето на Косово е живо и дека не е решено како што тврдат во Приштина“, истакна шефот на српската дипломатија.