Власта на СДСМ и на ДУИ втора недела по ред брка „вештерки“ или лови „руски шпиони“, но јавноста до сега не слушна ниту институција, ниту имиња на лица од Македонија, кои, наводно, се јавувале во Бугарија за да го спречат напредокот во надминувањето на недоразбирањата меѓу официјално Скопје и официјална Софија. Со што, нели, треба да падне бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во Европкста унија.

Не дека и во Македонија и во Бугарија нема проруски структури, но мантрата пристигната од Софија само го трасираше патот по кој ќе врват властите во двете земји за да стигнат до целта. Нашите власти се покажаа како „поголеми католици од Папата“, па според нив, секој кој ќе се јави против компромисот со Бугарија ќе биде прогласен за руски шпион!

Но, развојот на настаните во Бугарија покажува дека премиерот Кирил Петков фрлил само обична „димна бомба“. Неговот заплашување за прогласување руски шпиони на оние, кои нема да се согласат со кревањето на бугарското вето, сега го поставува прашањето чии шпиони се самиот тој, Кирил Петков, претседателот на државата Румен Радев, коалиционите владини партнери Слави Трифонов и Корнелија Нинова, лидерот на опозицијата и доскорешен премиер Бојко Борисов, па и екс-министерот за одбрана Красимир Каракачанов и неговите партиски пајташи и наследници Ангел Џамбаски и компанија…? Руски, германски, американски, француски…? Или најважно е прашањето дали се само руски?

Красимир Каракачанов се поклони на споменикот на полковникот Каварналиев кај Дојран, возобновен пред година и пол на иницијатива на Бојко Борисов

Премиерот Петков, повеќе од очигледно, не собра храброст за исчекор во преговорите за враќање на довербата и надминување на недоразбирањата произлезени од бугарското вето. Легна на брашно и горчливата кнедла си ја проголта како „поп сарма“, па сега молчи како риба.

Шоуменот и наводен политичар Слави Трифонов по прашањето за Македонија сакаше да се пазари со изборот на новиот шеф на Бугарската народна банка. Социјалистката Корнелија Нинова не се согласува со испраќањето воена помош за Украина дури и по цена да ја сменат, а за Македонија не сака ни муабет да се прави.

Претседателот Румен Радев, или „новиот кнез Батенберг“, како што го прогласија македонските Бугари, иако малку притаено, сепак и натаму ја води играта. Инсистира на човековите права и слободи, што ќе рече на впишување на македонските Бугари во Уставот, ама патем, сепак, со Американците се пазари за набавка на користени „фантоми“ во вредност од над милијарда долари. И предупредува дека секое менување на политиката кон Македонија може да доведе до нова дестабилизација на политичката сцена во државата.

Борисов и Каракачанов, пак, чекаат од заседа. За да ја потврдат „безбедносната димензија“ на значењето на Македонија за Бугарија бараат ново заседание на Националниот совет за безбедност.

Според најновите анкети, во Бугарија се случува тивка промена во расположението кај избирачите. До неодамна владејачкиот ГЕРБ на Борисов има над 2% повеќе поддршка од власта на Промената продолжува. Но, како личности, Петков има далеку повисок рејтинг од Борисов. Оттука, можни се сите варијанти, од формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада, па до нови предвремени парламентарни избори.

И во вакви околности власта на СДСМ и ДУИ дома, а веројатно и надвор ќе ги прогласува за државни непријатели и руски шпиони сите, кои не мислат како неа! Така, не само што ќе ја повторат тезата и начинот на расчистување со пробугарските и буржоаски елементи од крајот на Втората светска војна, туку ќе се претворат во целосна негова карикатура.