Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавишоглу изјави дека Анкара сака да ги поправи односите со Грција и да усвои пакет аранжмани на односи, кои би ги вклучиле односите меѓу двете земји во Егејското море и источниот Медитеран, пренесува грчкиот весник Катимерини.

Чавишоглу изјави дека во источниот Медитеран не се потребни понатамошни истражувања и бушотини кои Турција веќе некое време ги спроведува, но додаде дека земјата нема да дозволи никој да го оспори нејзиното суверено право во таа облст.

Новиот грчки министер за надворешни работи Никос Дендиас во грчкиот парламент рече дека Грција нема да толерира закана со војна, провокативни активности и еднострани барања, но дека истовремено ќе промовира политика на добрососедски односи и почитување на меѓународните права и договори.

Што се однесува до Кипар, Дендиас напомена дека услов за повторно започнување разговори за одново обединување на островите е Турција да престане со, според нив, незаконското бушење и истражување на брегот на островот, како и да ги отстрани своите бродови од екслузивната економска зона околу Кипар.

Грчкиот министер за одбрана Никос Панагиотополос ги повтори сличните ставови, укажувајќи дека Атина не може да прифати однесување кое директно го оспорува територијалниот интегритет и суверените права, како и кршење на меѓународните договори.

Тој исто така ги критикуваше „незаконските“ постапки на Турција во ексклузивната економска зона на држава членка на ЕУ, додавајќи дека Грција ќе настојува да го одржи каналот на комуникација по пат на спроведување на низа акции, во рамки на мерки за изградба на доверба помеѓу Анкара и Атина.

„Искрено се надевам дека Турција ќе тежнее кон тоа“, додаде Панагиотопулос.