Бугарскиот оператор за пренос на гас Булгатрангас одново го активираше тендерот за проект за проширување на гасната врска од Турција до Србија со проценета вредност од 1,4 милијарди евра.

Компанијата синоќа соопшти дека рокот за поднесување на понудите за изградба на гасоводот долг 484 километри кој ќе пренесува главно руски гас до границаа со Србија продолжен е до 6 март.

Минатата година Бугарија ја усвои новата енергетска стратегија која вклучува планови кои би биле продолжување на гасоводот на Турски тек, со кој гасот од Русија се пренесува до Турција.

Гасоводот би се протегал од компресорската станица Нова Провадија, околу 50 километри од Варна, до границата со Србија.

Прашањата околу енергетиката ќе се најдат на дневен ред идната недела за време на посетата на рускиот премиер Дмитри Медведев.

Владата на Србија исто така започна проект за изградба на магистрален гасовод кој на границата со Бугарија би се поврзал со Турски тек и со должина од 403 километри би водел кон границата со Унгарија.