Бугарија планира да им даде вакцини „АстраЗенека“ на соседните држави, соопшти на утринскиот брифинг со новинарите бугарскиот технички министер за здравство, Стојчо Кацаров.

-Имаме можност да им помогнеме на соседните држави со дел од вакцините. Таква желба изразија РС Македонија, Косово, Албанија и БиХ, изјави министерот.

Тој појасни дека процедурата за тоа е многу тешка и бара согласност и од Европската комисија и од производителот, па во зависност од одговорот ќе се знае дали тие ќе бидат подарени или продадени.

-Располагаме со целата документација, испративме барање до ЕК и денеска или утре треба да добиеме одговор според кој механизам да го сториме тоа, наша желба е да помогнеме, рече Кацаров.

Тој дополни дека најверојатно ќе биде дадена вакцината „АстраЗенека“, зашто интересот за неа е најмал. Кацаров беше категоричен дека државата има доволно вакцини и до крајот на годината ќе располага со 13-14 милиони дози.

Според најавите, Македонија треба од Бугарија да добие 50.000 вакцини.