Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека писмото на опозицијата до меѓународната заедница во кое бараат санкции против Вучиќ е уште еден потег што ќе остане во историјата на срамот, да никаде во светот нема пример каде опозицијата бара од различни земји и институции да воведат санкции кон нивната земја, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сега ќе кажат дека не барале санкции за Србија, туку за српското раководство. А тоа раководство го избра народот, што значи дека се за санкции против Србија. Затоа што кога ќе воведете санкции кон раководството, воведовте санкции кон Србија и го оневозможивте раководството да работи, да постигне некои работи и слично. И во САД, или во која било друга земја, имате различни опции, голема поларизација. Но ако претседател е Клинтон, Буш, Бајден, Обама – тие секогаш ги решаваат несогласувањата во рамки на нивните земји. Верувам дека никогаш повеќе во светот нема да видиме дека политичката опозиција на една земја му пишува на некого во странство да воведе санкции за нивната земја затоа што не се согласува со политичкото лидерство. Ова е навистина уникатна работа на полето на политичката борба во целиот свет. На опозицијата доаѓањето на власт е толку важно што нема нешто што нема да го искористат за да го постигнат. Тие ќе злоупотребуваат што било. Србите во Косово и Метохија, трагедијата во Рибникар, убиствата во Младеновац, Дубона и Орашје. И тогаш ќе кажат, да, ние го искористивме тоа, ја искористивме тагата на народот за да профитираме од тоа. И тоа самите го признаваат, само велат дека е малку несмасно кажано, рече Брнабиќ.

Таа изјави дека и се чини дека претседателот Вучиќ заслужил санкции бидејќи премногу силно се борел за Србите на Косово.

Вчера Демократската партија (ДС), Народното движење на Србија, Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Србија центар, Партијата за слобода и правда (ССП), Заедно и Зелено левиот фронт испратија писмо до европските функционери во врска со последните настани во селото Бањска на Косово. Тие бараат санкциите, кои европските функционери се почесто ги споменуваат, да не и се воведуваат на Србија, туку на српскиот претседател Александар Вучиќ.

-Длабоко сме загрижени поради најавите за можноста за воведување мерки против Србија. Сакаме да истакнеме дека ние како демократска опозиција во Србија сме длабоко против тоа. Од друга страна, очигледна е политичката и личната одговорност на Александар Вучиќ за актуелната состојба. Затоа, нему и на неговите најблиски политички сојузници треба да му се изрече секоја можна мерка, се наведува во писмото.