Висок дипломат од земја членка на ЕУ на брифинг со новинарите утрово порача дека од изјавите на бугарската министерска за надворешни работи Екатерина Захариева извесно е дека не може да се очекува Софија да се откаже од блокадата на стратот на преговорите на земјава со Унијата на утрешниот министерски состанок, но дека дипломатските напори продолжуваат, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Сѐ уште веруваме дека има шанси да се усогласи преговарачката рамка, вели висок дипломат од земја членка на ЕУ, ова е пораката од Брисел ден пред министерскиот состанок на кој се очекуваше Северна Македонија да добие конечно датум за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ и прва меѓувладина конференција.

Германското претседателство „продолжува да работи“ и со Скопје и со Софија за изнаоѓање компромис, велат од Брисел, а се вложува надеж и во денешната посета на премиерот Заев на Берлин каде „ќе оствари контакти“, додаваат дипломатите без повеќе детали.

Бугарската блокада која се однесува на строго билатерално прашање е последната пречка која стои пред ЕУ патот на Северна Македонија, но која очигледно за сега е непремостлива.