Министерот за внатрешни работи на Бугарија му упатил покана за информативен разговор на екс-премиерот Бојко Борисов, соопшти лидерот на ГЕРБ, неочекувано појавувајќи се на денешниот брифинг во седиштето на партијата, посветен на најавата на ГЕРБ дека ќе побара оставка од Централната изборна комисија поради неправилностите и лошата организација на гласањето на дијаспората.

Тој ме кани да се јавам во четврток на распит кај инспектор задолжен за прибирање на потребните информации. Во поканата пишува дека треба да си носам и лична карта – објасни Борисов.

Тој вели дека не му е јасно која е причината поради која е повикан на распит.

Најверојатно ќе ме прашат зошто сум учествувал на изборите и како ги победив во Софија. Зошто бев нивни лидер. Зошто партијата ми е толку силна дури и кога не сме на власт. ГЕРБ им е коска во грлото. Се надевам дека ќе излезам жив. Може и да ме задржат – изјави револтирано Борисов.

Борисов денеска рече дека не се сеќава дека некому вршел притисок, обвинувајќи го актуелниот министер дека тоа е негов манир на однесување.