Опозицијата во Албанија е решена да не учествува на локалните избори планирани за 30 јуни годинава. На крајот на денешниот протест на опцијата предводен од Демократската партија, нејзиниот лидер Љуљзим Баша рече:„Нема да има избори се додека Еди Рама е премиер“.

Тој пред насобраниот народ порача дека „нема пакт со Рама“ како и тоа дека секој Албанец сега води битка за земјата.

„Секому кому не му е јасно мора да знае дека никогаш нема да има избори со Еди Рама. Нема да правиме пакт со него. Ние ќе издржиме на отпорот и нема да се повлечеме се додека Владата не си замине“, рече Баша.

Опозицијата денес по тензичните протести пред Собранието и пред Министерството за внатрешни работи, врз кое фрлаше со црна боја, најави масовен протест за 13 април.