Како и што предупредија, сите парламентарци од опозицијата денес пред неколку илјади насобран народ си поднесоа јавни оставки. Тие рекоа дека мандатот го добија од народот, му го враќаат на народот и од денес повеќе тие се откажуваат од мандатот и од имунитетот. Опозицијата рече дека тие ќе протестираат се додека Владата не поднесе оставка и не се формира преодна влада која ќе ги организира предвремените избори.

Лидерот на Демократската партија (ДП) Љуљзим Баша денес пристигна во Синото седиште и во куса изјава за медиумите рече дека ова е „историски ден кога мандатите на опозицијата му се вратени на народот“.

Опкружен со стотици поддржувачи, Баша рече дека „на овој важен ден премиерот Еди Рама реши да избега од градот“ и да ја огради зградата на парламентот со огромни полициски сили.

Инаку, Албаниан њуз објави дека попладнево Рама е на разговори со претседателот на парламентот Грамоз Руци, додека илјадници луѓе тргнаа во протестен марш кон згрдата на парламентот.

Јавно од пратеничките мандати се откажаа и членовите на Социјалистичкото движење за интеграција на Моника Криемади која рече дека „екстремната акција со горење на мандатите е одговор на екстремната ситуација во која потона Албанија“.

„Дури и меѓународни тела потврдија дека оваа влада е дојдена на власт со коруптивно купување гласови“, рече Криемади.

И додека ситуацијата во Тирана и во Албанија е тензична, се огласија високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан кои рекоа дека „ги поддржуваат протестите“, но и оти го осудуваат насилството и притоа истакнаа дека „е неопходен дијалог меѓу Владата и опозицијата“.

На протестите се очекува опозицијата да ги каже нивните планови и следни чекори, а се очекува и исходот од разговорите меѓу Рама и Руци.