Албанија одлучи да прогласи за непожелни и да протера двајца дипломати од амбасадата на Иран за кои се сомнева дека се вклучени во активности кои се закана по безбедноста во земјата, потврдија од албанското Министертво за Европа и надворешни работи, пренесува телевизијата „Топ Ченел“.
Според портпаролката на министерството, одлуката за прогласување на иранските дипломати за непожелни била донесена „во консултација со сојузничките земји, поради нивната активност во Албанија, во спротвност со нивниот дипломатски статус“.
Неофицијални извори за „Топ ченел“ изјавиле дека оваа одлука е резултат на соработката со партнерските и израелските тајни служби за да се избегне инцидент за време на фудбалскиот натпревар Албанија-Израел во Скадар, што требаше да се одржи во рамки на Лигата на нациите.
Во тоа време постоеја информации дека водачот на џихадистите Албанци во ИД, Косовецот, Лавдрим Мухаџери и други терористи планирале терористички напад врз израелските фудбалери. Во врска со ова повеќе од 20 лица беа уапсени во Албанија и во Косово.
Поради тоа, натпреварот кој првично требаше да се одигра на стадионот во северниот град Скадар, во ноември 2016 година, се одигра на стадионот во Елбасан.
Пред неколку месеци, Албанија за непожелна личност го прогласи руското воено аташе, како и првиот секретар на руската амбасада. Но, оваа одлука, како што тогаш ја потврди Министерството за Европа и надворешни работи, следувала по конфликтите на Русија со Велика Британија по труењето на поранешниот руски шпион, Сергеј Скрипал.
Comments are closed for this post.