На ден пред почетокот на новата тура разговори на македонските и бугарските историчари, Владата, на предлог на МНР, на затворена седница го одобри Димитар Љоровски за нов член на македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Според образложението, Љоровски е македонски историчар и професор во Институтот за национална историја — Скопје. Неговиот научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период,  и Македонското револуционерно националноослободително движење.

По ова, сосема основано се поставува прашањето зошто МНР, односно Владата не најдоа за потребно да побараат и во комисијата да постават експерти за средниот век, кирилометодиевисти, палеослависти, слависти, додека траеја преговорите за овој период. Напротив, без таков претставник, нашите членови на комисијата го прифатија целосно бугарскиот наратив, што создаде бура од незадоволство во научната и целата домашна јавност. Воопшто, целата македонска наука од тој период беше занемарена, па со заедничките чествувања, на пример на 24 Мај и со промената на учебниците, тој ќе се сведе на Ден на бугарското образование, култура и словенска писменост!

Македонските и бугарските историчари постигнаа согласност за заедничко чествување и за менување на учебниците за светите Кирил и Методи, светите Климент и Наум, и за за Цар Самоил. Меѓутоа, во овој период влегува и Охридската архиепископија, но до сега таа не се споменува.

Периодот чиј научен интерес е Љоровски, до оставката во членството во комисијата, поради политички притисоци, го „покриваше“ проф. Ванчо Ѓоргиев.