Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во викенд интервјуто за Радио Слободна Европа ни испрати зачудувачки, најблаго речено, страшна порака. Според него, Република Македонија како општество има погрешни погледи за сопствената историја. А, причините, како што рече, лежат во тоа што сме припаѓале во еден претходен сојуз, па со нив сега не сме можеле да го гледаме новите сојузи на НАТО и ЕУ.
-Погледите на општеството кон историјата се градат низ историјата и нашите погледи овде се изградени во еден претходен систем, во еден претходен сојуз и тие погледи биле и антибугарски и антиалбански и антигрчки, затоа што тој поглед бил под плаштот на тогашниот државен интерес, на еден тогашен сојуз. Сега, кога влегуваме во друг сојуз со други држави и во НАТО и во ЕУ, со Бугарија, со Грција, со Албанија, не можете со истите очила да го гледате светот. Но, јас велам не да се наметне нов наратив да го замени тој претходниот, туку да се прекрши, да се отворат ограничувањата, рецидивите останати, наследени од историјата, коишто се создадени под еден друг плашт на државен интерес, туку првпат на погледот кон соседите, кон историјата да се создаде во Скопје, овде, од граѓаните на Република Македонија – Македонци, Албанци, Турци и сите други. Така ќе се отвори и ќе биде симетричен кон сите, во тој поглед мислам дека е и интервјуто на господинот Заев, помага во кршењето на општествената рамка за тоа како се гледа соседот и како се гледа историјата. Јас мислам дека треба да се скрши тој светоглед, изјави Османи.
Ваквиот приод на министерот Османи е во стилот „сакам речам, не знам кажам“.
Зашто, неговата интерпретација на „претходниот сојуз“ има неколку слаби точки. Прво, не прави дистинкција меѓу југословенството во Кралството Југославија и тоа во СФРЈ. Второ, заборава дека „антибугарските, и антиалбанските, и антигрчките погледи“ ако веќе ги споменува, ги калеми само на Република Македонија, а не и на останатите бивши ју-републики. Зашто, не може такво „анти-расположение“ да постои само кај нас, а да го нема во Љубљана, Загреб, Сараево, Подгорица. Еве, Белград ќе го ставиме на страна. Или, тие веднаш, уште со почетокот на демократизацијата на нивните општества расчистиле со тоа!?
И трето, што е можеби и најважно, зошто министерот Османи свесно или несвесно заборава на Балканскиот пакт?
Балканскиот пакт или Спогодбата за пријателство и соработка бил потпишан во Анкара на 28 февруари 1953 година меѓу Грција, тогашна Југославија и Турција, и тој требало да претставува брана против советската експанзија на Балканот. Со него било предвидено и евентуално формирање на заедничка воена команда на трите земји.
Во тоа време и Турција и Грција биле веќе полноправни земји-членки на НАТО. А, СФРЈ тоа не го сакала, бидејќи Балканскиот пакт бил можност Југославија индиректно да се поврзе со НАТО. И којзнае во кој правец би се развивале работите и односите ако не починал Сталин и малку подоцна не дошло до кризата на Кипар.
Во истото тоа време, пак, земјите, што Османи ги споменува-Албанија и Бугарија, со исклучок на Грција, против кои, наводно, сме имале „анти“ расположение, биле во длабока прегратка на тогашниот СССР. И нивното расчистување со „советската прегратка“ ќе започне многу, многу подоцна, дури со падот на комунизмот. Што, апсолутно не е случај со СФРЈ, а во тие рамки и со Република Македонија.
Сосема друго нешто е ако Османи сакал да ни порача дека треба да расчистиме со остатоците од комунизмот/социјализмот. Ако тоа му била целта, тогаш нашол сосема погрешен приод. Зашто, апсолутно е точно дека не може во НАТО и ЕУ да се оди со „розови комунистички очила“. Исто како што е точно дека „анти“-расположението во Република Македонија не се разликувало ни милиметар повеќе или помалку од „антимакедонското расположение“ кај соседите, со што, впрочем, се соочуваме веќе 30 години.
Comments are closed for this post.