Додека во С.Македонија има говор на омраза и некој таму мисли дека ќе се користат надворешни фактори за да се изврши притисок врз Бугарија или дека ситуацијата во Бугарија ќе се промени, по евентуална промена на владата оваа пролет, нема смисла да се зборува и тоа е губење време.

Ова го изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, пред денешната средба со специјалниот претставник Владо Бучковски, што е закажана за 18 часот по бугарско време.

-Ова е третпат да се сретнеме за ова прашање. Верувам дека Бугарија има јасен став и крајно време е во Скопје да започнат со читање на одлуките на бугарскиот парламент. Мислам дека нема смисла да водиме празни муабети. Г-дин Бучковски е добронамерна личност. Има политичко искуство, писмен човек, со добар став кон Бугарија. Не случајно е избран за преговарач и посредник, но мислам дека властите во Скопје го користат. Се користи за демонстрација на добра волја. Тој самиот има добра волја, но оние што го испраќаат немаат добра волја, додаде Каракачанов.

Според него, во Скопје не сториле ништо повеќе од три години, а сега продолжуваат да се потпираат на фактот дека и покрај одлуките на бугарската влада и парламентот, може да се постигне компромис со позицијата на Бугарија. Сепак, вицепремиерот истакна дека тоа е невозможно.

-Сè додека го отворате учебникот по Историја во Македонија и внатре пишува дека ние Бугарите сме фашисти, окупатори и Татари, не може да има разговор, нагласи Каракачанов.

Според министерот, аргументот на Северна Македонија дека тие имаат право на самоопределување на нивниот идентитет е несериозен.

-Никој не ти дава такво право. Тие имаат право да го бранат нивниот идентитет како што е од неговото настанување, а не да крадат туѓа историја, со создавање лажен идентитет и да ми кажуваат: „Но, не е европски да ни го негирате нашиот сопствен идентитет“. Го имаш. Вие го имате идентитетот создаден од Коминтерната. Застанете во негова одбрана и никој не ви посега по него, но Цар Самоил е бугарски крал и тој не се борел против Бугарија, како што пишува во вашите учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори, затоа што и покрај 70-годишните промени на јазикот, ние сè уште разговараме без преведувачи. Зборуваме на ист јазик, додаде тој.