Согласно потпишаниот и усвоен протокол на меѓувладината македонско-бугарска комисија, Македонија и Бугарија во рок од еден месец на интернет страните на двете влади ќе ги објават сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Зошто на министерот за надворешни работи Бујар Османи му е потеребен еден месец за да ги објави препораките на историската комисија?

Од досега познатите работи, историчарите постигнаа согласност за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и цар Самоил, што значи дека, логично, треба да се знае и содржината врз основа на која двете земји заеднички ќе ги чествуваат овие личности. Згора на тоа, македонската страна се обврзала да подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата.

Ако не се знае содржината, на пример, за постигнатата согласност за цар Самоил, тогаш како Владата ќе подготви прелиминарен урнек за лекцијата?

Османи на една од своите прес-конференции, меѓу другото, обелодени дека токму во случајот со цар Самоил за првпат во историската комисија бил искористен мултиперспективниот приод.

Кога бугарските медиуми објавија дел од протоколот, обелоденија и дека ќе треба да се менува називот на Самоиловата тврдина во Охрид, но коперетседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, излезе со став дека тоа не е точно и оти сѐ уште нема постигнато согласност за цар Самоил. Малку е веројатно дека комисијата допрва, во рок од само еден месец, ќе треба да постигне согласност за содржината на препораката, што со други зборови значи дека или Османи или Ѓоргиев не ја говорат вистината!

Ништо помалку значајни не се ни другите четири препораки. Зашто, годинава, на пример, премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски не ги чествуваа заеднички браќата Кирил и Методиј во Рим.

Но, индикативни се две работи.

Прво, најголемата опозициска партија во Бугарија, ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, официјално побара 24 Мај да биде прогласен за бугарски национален државен празник, наместо досегашниот 3 Март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор, што лежи во основата на великобугарските шовинистички ставови.

И второ, Либерално-демократската партија на Горан Милевски во последното соопштение пред гласањето во Собранието за францускиот предлог, побара избор и формирање на нов состав на македонската историска комисија, што значи дека или целосно е изгубена довербата во актуелните членови или дека е оценето дека таа нема соодветен капацитет.

И овој предлог мора максимално сериозно да се земе предвид, зашто непобитен е фактот дека во актуелниот состав нема ниту еден византолог/медијавист! А, периодот на средновековието ниту почнува, ниту завршува со Цар Самоил и содржината на препораката за него ќе биде и основа за терминологијата, што ќе се користи и за Охридската архиепископија на чие име се темелат и очекувањата на МПЦ-ОА по укинувањето на шизмата од страна на Вселенската патријаршија.