Последната реакција на бугарското Министерство за надворешни работи во која изрази незадоволство од правењето споредби во односот на Русија кон Украина и Украинците и на Бугарија кон Македонија и Македонците, уште еднаш ги покажа двојните стандарди, што владеат во бугарското општество, но и во владата предводена од Кирил Петков. А, како резултат на тоа, секако, и паушалната оценка и осуда на македонската страна дека на тој начин во земјата се поттикнува антибугарско расположение.
-Во врска со низата провокативни и злонамерни антибугарски коментари изминатите неколку дена од страна на политичарите и јавни личности во Република С.Македонија, Министерството за надворешни работи изразува загруженост дека злонамерната кампања против нашата земја има за цел да поттикне антибугарско расположение. Уште позагрижувачки е што се прават обиди за намерна злоупотреба на трагичните настани во Украина како резултат на руската воена агресија. Сметаме дека ваквите инични обиди мора категорично да се отфрлат. Никој нема право да ја злоупотребува трагедијата на украинскиот народ на таков арогантен и непринципиелен начин, стоеше во соопштението во кое беше додадено дека ваквата кампања може негативно да влијае врз позитивните трендови, што се забележани во политичкиот дијалог во последните месеци.
Индикативно е што ваквата реакција уследи веднаш по настапот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Но, за волја на вистината, Николоски е апсолутно во право кога вели дека Бугарија самата се препознала во неговите зборови, зашто тој во својот говор не ја споменува.
Да биде заблудата уште поголема, треба да се напомене дека и министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна изјави дека правењето такви споредби не оди во прилог на Македонија.
Но, тоа што најмногу изненадува е зошто бугарското МНР, на пример, не реагираше исто на такви споредби, што доаѓаат од самата Бугарија!? На пример, професорот по културна антропологија на софискиот универзитет, Ивајло Дичев, на 27/28 февруари годинава во колумна за бугарската редакција на Дојче веле пишуваше на тема посветена на користењето на историјата за политички цели, што според негова оценка, последниве години станува се понаметливо.
-Погледнете ја само нашата уцена кон С.Македонија. Главните аргументи се всушност сосема слични на оние на Путин. Тоа беше држава измислена од Коминтерната, немаше идентитет, всушност таму зборуваа бугарски. Ако се појави под одредени историски околности, тогаш нема реалност-иако ние ја признаваме како држава, исто како што Русија ја призна Украина, приближно во исто време. Фала богу што немаме сериозна војска да одиме да ја земеме како што веќе се обидовме, пишуваше Дечев во колумната насловена како „Во Русија, но и во Бугарија: Историски комплекси, лаги и фантазии“.
Приказната, за жал, не завршува тука. Колумната на копретседавачаот на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски и за прашања за учебниците, Ангел Димитров, за агенцијата БГНЕС предизвика бура од реакции во домашната јавност. Неговата суштина дека без решавање на историските прашања, почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ ќе значи вметнување руско-српски „тројански коњ“ во Унијата беше пресликана и во содржината на писмото, што седум организации и здруженија на македонските Бугари го испратија до претседателите и премиерите на двете држави. Единствената нијанса во која се разликуваше беше само отсуството на терминот „тројански коњ“.
Се чини дека чашата со двојните стандарди ја прели соопштението на културното друштво „Иван Ванчо Михајлов“ од Битола, што уследи како реакција на неодамнешна изјава на претседателот на ДС, Павле Трајанов, дека Бугарија води геноцидна политика кон Македонија.
-Мораме да видиме каде е клучниот проблем, а тоа е Бугарија, која го негира македонскиот народ. Тоа е своевидна геноцидна политика. Ако направите паралела што тоа Путин изјави за Укарина, со мали разлики, истиот однос го има Бугарија кон Македонија, изјави Трајанов.
Во соопштението на организацијата на македонските Бугари од Битола, пак, меѓу другото стои:
-Денес антибугарските кругови во Скопје добро знаат дека се производ на ист тип на окупација како Доњецките сепаратистички републики создадени и признати од рускиот диктатор. Разликата е во историскиот период, но не и во авторите на агресијата. Ако воопшто треба да се направи аналогија, таа е помеѓу Народна Република Македонија создадена на бугарска етничка територија во 1945 година и Доњецката Народна Република создадена денес од рускиот окупатор-исто како што македонската „народна република“ ја создаде југословенскиот окупатор.
И во овие неколку реда и апсурдна, понижувачка аналогија се обелоденува основата за бугарскиот однос кон Македонија!? Затоа што таа, Македонија, во 1945 година била создадена на бугарска етничка територија!!! Значи, целиот однос на Бугарија и злоупотребата на членството и во НАТО и во ЕУ е проценката дека сега е моментот да си ја поврати, наводно својата етничка територија! Какви човекови права и слободи, какви глупости! Приказни за мали деца.
Истата таа Бугарија пред да стане членка и на НАТО и на ЕУ имаше сосема поинаква политика, настрана тоа дали ги исполнуваше условите или не. Кон ниту еден сосед не пројави никакви територијални претензии. Ни кон Романија, ни кон Грција, ни кон Турција, ни кон Србија… Што во иднина ќе треба да се очекува од истата таа Бугарија кога за почеток на преговори за членство во ЕУ, на пример, на ред ќе дојдат Молдавија или Украина? И таму ќе условува со бугарски етнички територии?! Или санстефанскиот сон ќе заврши само со негација на македонизмот и на Македонците и со ребугаризација на Македонија како втора бугарска држава?!
Comments are closed for this post.