Поддршка за европската перспектива на Македонија, изразува премиерот на Бугарија Кирил Петков во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини”, но додава дека потребно е, прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Македонија со гаранции во Уставот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ние сме за европската перспектива на Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред, рече бугарскиот премиер.

Говорејќи за енергетската соработка со Грција, во интервјуто за грчкиот весник, Петков вели дека по последните случувања „потребна е поголема диверзификација на енергетските извори” и на тоа тесно работат со грчката Влада, а целта, како што рече е, „да се зајакнат енергетските поврзувања на двете земји преку гасоводот IGΒ, за Бугарија да има пристап до гасот од Азербејџан, но и до резервите на течен природен гас LNG во Александруполи”.